[Видео] Беспилотни летала го осветлија небото над Сеул со пораки за надеж среде пандемијата со Ковид-19

Повеќе од 300 беспилотни летала денеска го осветлија небото над Сеул во шоу за кое владата рече дека треба да им даде „утеха и надеж“ на жителите за издржливост во време на пандемијата со коронавирусот, јавува „Ројтерс“.

Леталата синхронизирано, со своите дисплеи формираа повеќебојни фигури на луѓе кои носат маски и изговараат пароли кои ја промовираат владината програма „Корејски нов договор“ за обнова на економијата.

„Се надевам дека ова шоу со беспилотни летала ќе послужи како можност за момент да се пренесе радост и надеж на нашите луѓе кои доживуваат пандемиски замор“, рече Ким Сангод- заменик министер за авијациска политика.

Шоуто е направено со цел да им се покаже благодарност на граѓаните за нивните напори да го спречат ширењето на коронавирусот, стои во соопштението на властите.

Првото вакво шоу беше одржано во јули над реката Хан без претходна најава, бидејќи организаторите сакаа да спречат собири на луѓе.

Овојпат, настанот беше најавен однапред и се одржа над паркот изграден за Летните олимписки игри во 1988 година.

Агресивната кампања на Јужна Кореја за контрола на епидемијата на коронавирусот беше пофалена на меѓународно ниво, и и` помогна на земјата да избегне карантин, како и да ја заштити економијата од некои од најлошите влијанија од кризата.

Но, земјата продолжи да се бори против малите и постојани кластери на заразени, со 191 нов случај регистриран денеска. Исто така, од денеска во Јужна Кореја ќе се казнуваат луѓето кои не носат маски на отворен простор.