[Видео] Авион со 189 патници се сруши во Индонезија

Патнички авион во кој имало 189 луѓе се срушил во морето во близина на индонезискиот град Џакарта, неколку минути по полетувањето.

Летот ЏТ610, на индонезиската нискобуџетна авиокомпанија „Лајон Ер“, требало да стигне од Џакарта до Панкал Пинанг, кога изгубил врка со воздухопловната команда по само 13 минути лет утрово. Податоците од летот покажуваат дека авионот ненадејно се срушил во морето.

Авионот Боинг 737 е нов модел кој минатата година почнал да се употребува глобално. Специфичниот авион кој се срушил, се користел само два месеци.

Спасувачките сили од Индонезија потврдиле дека авионот се срушил по полетувањето утрово во 6:20 часот, но сè уште не даваат потврда за жртви додека спасувачката операција е во тек.

Извршниот директор на „Лајон Ер“, Едвард Сираит, изјавил за медиумите дека авионот имал „технички проблем“ вечерта во неделата, но дека инженерите дозволиле тој утредента да се користи за летање.

Додека трае акцијата за пронаоѓање и спасување на преживеани, властите објавија снимки од остатоците од авионот и лични предмети на патниците како пловат во водата на местото на несреќата. Меѓу предметите имало ташни, облека, мобилни телефони, лични карти и возачки дозволи.

Околу 20 од 189-те луѓе на летот биле дел од индонезиските финансиски служби кои биле во Џакарта на конференција.