[Видео] Арсенот гевгелиски и Ешерихија струшка – двата духа на една вода

Здружението за развој и активизам „Аква“од Струга во партнерство со граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ и Здружението на граѓани „ПАТОКАЗИ“ од Гевгелија го изработија сатиричното видео „Двата духа на една вода“ за да укажат на проблемите со водата за пиење.

„Се работи за Арсенот гевгелиски и Ешерихија струшка и проблемите кои ги предизвикуваат на потрошувачите, поради несоодветниот однос на надлежните, во конкретниот случај јавните локални претпријатија за водоснабдување за справување со овие отровни и здравствено штетни материи во водата“, појаснуваат од граѓанските здруженија од Струга и Гевгелија.

„Двата духа на една вода“ е сатиричен приказ на состојбите со цел да се допре до свеста на најодговорните за обезбедувањето на квалитетни неопходни животни ресурси – чистата вода.

„Институциите покажуваат целосна отсутност од реалноста и се подлабоко нѐ влечат во подземјето на водите каде врачарските рецепти за размена на духови во шише се единствени начини за решавање на проблемот за чиста вода“, изјави на презентацијата на видеото Димитри Голабовски од ЗРА „Аква“ од Струга.

Активистите бараат да не се дозволи отсуството на свест и присуството на политичко-партиската развратност да бидат главните состојки на водата.

„Помислете на тоа следниот пат кога ќе ја вкусите љубовта на Арсен Гевгелиски или на Ешерихија Струшка од Вашите чешми“, порачаа активистите.