[Видео] Активистки во Кина ги избричија главите барајќи правда за нивните притворени сопрузи

Сопругите на четири затворени истакнати активисти за човекови права во Кина ги избричија главите во протест поради нивните сомнежи дека наместо судски процес државата врши политички прогон.

Затворените мажи, адвокати за човекови права, биле уапсени при полициска акција во 2015 година.

Жените, собрани во парк во централниот дел на Пекинг, ги избричија главите пред група на меѓународни новинари. Секоја од нив својата коса потоа ја стави во проѕирна пластична кутија заедно со фотографија од нивниот сопруг, по што се упатија до Врховниот суд на Кина со барање да постапува за односот кон нивните сопрузи.

Ли Вензу, која вели дека не го посетила својот сопруг Ванг Чјанжанг откако исчезнал во полициската акција против активисти во 2015 година, за новинарите изјавила дека овој гест е протест поради начинот на кој се води целиот случај.

„Можеме да останеме без коса, но не можеме да останеме без закон“, изјавиле активистките на настанот преку игра на зборови, бидејќи на кинескиот јазик зборовите „коса“ и „закон“ звучат слично.

Вензу вели дека судиите нелегално ги одолговлекувале процедурите и ја спречувале во обидите на својот сопруг да му ангажира адвокат. Таа досега 31 пат се обидела до Врховниот суд да достави документи, но никогаш не и бил дозволен влез во институцијата.

Чјанжанг е затворен во Тианџин под сомненија за субверзивно дејствување против државата.

Од Врховниот суд не одговориле на новинарските барања да го коментираат случајот.