[Видео] Активистки на Фемен упаднаа на исламска конференција во Париз

Две активистки на организацијата Фемен викендов упаднаа на бината и прекинаа исламска конференција во близина на Париз, извикувајќи феминистички пароли на арапски и француски јазик, пред да бидат совладани од 15-на мажи, кои насилно ги избркаа од сцената.

Активистките биле облечени во традиционални исламски наметки, за да можат да се доближат до бината, на која двајца фундаменталистички свештеници држеле предавање на тема: „Дали сопругите треба да се тепаат или не?“. На видеоснимката може да се види како жените на своите тела ги имаат напишано пораките: „Никој не ме потчинува“ и „Јас сум својот пророк“.

По инцидентот, во кој жените се полесно повредени од мажите кои ги совладале, активистките, на возраст од 25 и 31 година, се уапсени. Според портпаролката на Фемен, Ина Шевченко, полицијата ги заштитила активистките, на кои им се заканувал линч. Еден од мажите повикал „убијте ги“, а на снимката се гледа како ги клоцаат и буткаат. По испрашувањето во полиција, неидентификуваните активистки се пуштени на слобода, а организаторите на конференцијата најавија дека ќе ги тужат.

Повеќе од 6.000 луѓе се потпишале на петиција да се забрани контроверзната конференција, на која шопингот и готвењето се претставени како соодветни „женски“ активности. Еден од говорниците преку својот профил на Фејсбук ги повикал жените да ги покријат своите тела и лица, за да не ризикуваат сексуални напади во животот по смртта. По инцидентот, стотици приврзаници на екстремниот ислам повикале на каменување и колективно силување на активистките на Фемен. Организаторите ги повикаа учесниците да „останат заедно“ и се нарекоа себеси „жртви на антимуслиманска медиумска кампања“.