[Видео] 1.600 кампери евакуирани во Франција поради поплави

Големи поплави кои го зафатија јужниот регион на Франција принудија евакуација на 1.600 луѓе, мнозинството од нив кампери, информираа надлежните. Во еден летен камп во Сен Жулиен де Пејролас биле евакуирани 119 деца.

Засега како исчезнат се води 70 годишен Германец, кој ги надгледувал децата во кампот.

Агенцијата Франс Прес јавува дека човекот се обидел да се засолни во неговиот автомобил, но возилото било однесено од поплавата.

Најлошо погодените места се Гард, Ардеш и Дром. Повеќе од 400 пожарникари и полициски службеници се распоредени на поплавените локации. Во потрагата по исчезнати се вклучени и нуркачки екипи. Поплавите доаѓаат откако поголемиот дел на Европа е зафатен со необично високи температури.

ББЦ стапиле во контакт со Рејчел Буханан од Оксфорд, која кампирала во близина на реката Ардеш кога се случиле поплавите.

„Знаевме дека невремето е неизбежно, но не можевме да поверуваме колку силна беше синоќешната бура. Нивото и брзината на реката денес беше неверојатно. Се разбудивме во 30 сантиметри вода. Возењето во нашето камперско возило беше многу страшно, бидејќи патот покрај реката беше целосно под вода и наоколу се појавуваа водопади кои ги разурнуваа тесните премини“, изјавила Буханан за ББЦ.