„Вибрантен сликопис“ – изложба на Владимир Величковски во МКЦ

Насловена „Вибрантен сликопис“, изложбата на Владимир Величковски ќе се отвори на 18 јануари во Галеријата МКЦ. Со почеток во 20 часот, изложбата ќе биде отворена за посетителите до 1 февруари.

Ликовната изложба се надоврзува на јубилејот од 50 години постоење на Младинскиот културен центар кој се одбележа на крајот на 2022 година.

„Точно пред педесет години,во истиот овој простор, во тогашниот Дом на младите ’25 Мај’ ја приредив мојата прва самостојна изложба на слики. Предложено е мојата изложбата да се отвори на 18 јануари, во очи на светскиот ден на уметноста која ми го исполнува животот“, вели уметникот Величковски.

Тој нагласува дека уметноста, и во поширока смисла е смислата на неговиот живот, а сликарството на кое сакал поцелосно да му се посвети секогаш го чувствува со целото битие.

„Имам чест, по повод значајниот јубилеј на Младинскиот културен центар, Скопје да ја приредам оваа пригодна изложба, а за таа цел предложив минималистички концепт со испишани зборови, во духот на времето, БЕЗ ЈАВНО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ И БЕЗ КОКТЕЛ-ОМИЛЕН ПЕРФОРМАНС НА ПУБЛИКАТА“, забележува уметникот.

„Ќе се потсетиме: порано постоеше поимот ‘сиромашна уметност’, како и критика, застапена во сите печатени и електронски медиуми која зад себе има забележан историски развој во тесна врска со движењата во ликовните и визуелните уметности. Приказната за критиката не е завршена. Можеби станува збор само за една ‘култура на сопственото искуство’“, продолжува Величковски.

Владимир Величковски (7 мај 1949, Скопје) — македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Значаен е во 80-те години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност.

Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976 -1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари.