Viber со нова бесплатна придружна апликација „Viber Wink”

„Viber“, една од водечките глобални апликации за размена на пораки, денеска ја пушти во употреба новата придружна апликација наречена „Viber Wink”, која им овозможува на корисниците да испраќаат фотографии или кратки видеа кои исчезнуваат откако лицето што ги прима ќе ги види.

Со бесплатната апликација достапна за преземање, корисниците можат да прават фотографии и да снимаат видеа до десет секунди, а ако сакаат можат и да додадат текст на фотографијата. Wink овозможува да се подеси тајмер така што пораката може да се избрише за десетина секунди пред примателот да ја види. Откако пораката ќе се испрати, примателот ќе може да ја види еднаш, а потоа се брише со временско ограничување.

„Јасно ни е дека нашите корисници бараат повеќе контрола над своите пораки. Добар пример за тоа е неодамнешната понудена опција за бришење на пораките, со која може да се избришат пораки и откако се пратени. Wink е уште еден пример со кој им се дава контрола на нашите корисници, но на забавен начин. Всушност, се надеваме дека Wink ќе ги охрабри корисниците уште повеќе да разменуваат содржини со тоа што им се овозможува да изберат како сакаат нивните фотографии и видео материјали да бидат примени“, изјави Ofir Ejal, директор на одделението за производство на „Viber“.

Од денеска, апликацијата „Viber Wink” може бесплатно да се презема на iPhone и Android уредите. За да функционира целосно, Wink бара корисниците да поседуваат Viber 5.7 верзија, која исто така, од денеска е на располагање.