„Viagra boys“, „Efterklang“ и „Lalalar“ на 27 август на „Здраво млади 10“

Шведскиот пост-панк состав „Viagra boys“ e третиот најавен бенд за претстојното, 10-то јубилејно издание за фестивалот за нова музика „Здраво млади“, кој на 27 август ќе се одржи во паркот во МКЦ.

„Нема да ве лажеме и да глумиме опуштеност. Ужасно, неверојатно, ко ‘дете на цреша’ сме среќни што можеме да ги најавиме неверојатните ‘Viagra Boys’.  Ги нема на многу фестивали, освен на пар добри Coachella, Sziget… Така да, ќе имаме огромна чест да ги угостиме на 27 август! Нивниот албум ‘Street Worms’ е најверојатно највртениот албум низ канцелариите на #МКЦ во 2019 година, и се чудиме и ние самите, како побогу ќе издржиме уште 184 дена до нивниот настап на #ЗМ10“, соопшти тимот на МКЦ што го организира „Здраво млади“.

Од МКЦ за 27 август веќе ги најавија и данските легенди на инди-рок сцената – „Efterklang“, формирани во декември 2000 година. Бендот го сочинуваат 3 пријатели од детството: Мадс Брауер, Каспер Клаусен и Расмус Столберг.

„Враќањето на групата седум години по последното студиско издание ни доаѓа со петтиот албум насловен ‘Altid Sammen’, кој се смета за најдобриот досега. Период на транзиција со големи авантури и креативно истражување, смел и амбициозен, но сепак ангажиран на примарно и емотивно ниво, албумот е навлезен во експериментирањето што е заштитен знак на ‘Efterklang’ уште од нивниот деби-албум“, соопшти тимот на фестивалот.

Крајниот резултат од сите овие патувања, сите овие експерименти, велат од „Здраво млади“, е најдобрата музика во кариерата на „Efterklang“.

„Тоа не е албум за ‘повторно обединување’, без оглед на тоа што можеби го предложи Последниот концерт“, велат организаторите.

На фестивалот за нова музика доаѓаат и „Lalalar“, со своите ретро-филмски бас линии, електронски ритмови, расклопени вокали, флертувачки гитари и внимателно ископани примероци од наследството на Анадолија,

Според организаторите, „Lalalar“ евоцира идна носталгија.

„Основана од тројца познати музичари од турската музичка сцена, почитувани и за нивната соло и колективна работа, ‘Lalalar’ е без сомнение едно од најчујните европски откритија во моментот. Насловот на нивниот врежан деби сингл ‘Isyanlar’ се преведува на бунтовници и тоа е повеќе или помалку суштината за тоа како оваа група работи на сцената“, велат од „Здраво млади“.