ВИ претставува егзистенцијална закана и ризик по здравјето на милиони луѓе, предупредуваат експертите

Вештачката интелигенција (ВИ) може да направи штета на здравјето на милиони луѓе и претставува егзистенцијална закана за човештвото, предупредуваат лекари и експерти по јавното здравје кои повикуваат на паузирање на развојот на општата ВИ додека таа не биде регулирана.

ВИ има потенцијал да направи револуција во здравството преку подобрување на дијагнозите на болестите и наоѓање подобри начини за лекување на пациентите, како и проширување на грижата за поголем број луѓе. Сепак, според здравствените експерти, развојот на оваа технологија има потенцијал да предизвика и негативни здравствени ефекти.

Во студијата објавена во списанието „БМЏ Глобално здравје“ (BMJ Global Health) научниците од САД, Велика Британија, Австралија, Костарика и Малезија сметаат дека ризиците на ВИ во медицината и здравството вклучуваат и потенцијални грешки, кои може да предизвикаат штета по здравјето на пациентите, проблеми со приватноста и безбедноста на податоците, како и можноста ВИ да се користи на начин кој ќе ги влоши социјалните и здравствени нееднаквости.

Еден од примерите на штетно користење на оваа технологија е оксиметарот за пулс, кој покажува повисоки нивоа на кислород во крвта кај пациенти со потемна боја на кожата, што резултира со несоодветно лекување на нивната хипоксија.

Но, експертите истовремено предупредуваат на пошироки, глобални закани од ВИ врз човечкото здравје, па дури и за човечкото постоење.

ВИ може да наштети на милиони луѓе низ општествените здравствени детерминанти преку контрола и манипулација од страна на луѓето, да се користи како убиствено самостојно оружје, а штети би имало и по менталното здравје поради масовната невработеност доколку системите засновани на ВИ би започнале да заменуваат голема бројка на работници.

„Кога се комбинирани со брзорастечката можност за искривување или лажно прикажување на реалноста преку „дип-фејк“ содржините, ВИ информациските системи можат дополнително да ја поткопаат демократијата преку предизвикување општ колапс на довербата, или преку продлабочување на општествените поделби и конфликти што ќе има силно влијание врз јавното здравје“, тврдат експертите во текстот.

Дополнително, според нив, заканата предизвикана од ВИ која се самоподобрува, која теоретски може да ги научи и да ги извршува сите човечки задачи, е сеопфатна.

„Во моментов се обидуваме да создадеме машини кои ќе бидат многу поинтелигентни и помоќни од самите нас. Потенцијалот таквите машини да ја употреби оваа интелигенција и моќ, дали намерно или не, на начин кој може да наштети или да ги потчини луѓето е вистинска и мора да се размисли. Со експоненцијалниот развој на ВИ, прозорецот на можности за избегнување сериозни и потенцијално егзистенцијални штети се затвора“, велат експертите.

Во текстот тие велат дека за избегнување на штетата потребна е ефективна регулатива на развојот и користењето на ВИ. Според нив, се` додека нема такви регулативи потребно е воведување мораториум за развој на општата ВИ која се самоунапредува.