Ви дофрлуваат со „маче“ и „срцка“ на улица? – анкета на иницијативата „Женска слободна зона“ за сигурни јавни простори

Ви свиркаат и ви дофрлуваат со „маче“, „срцка“, „пиле“ додека сте во јавен простор? Ви се случило непознат да ви ги покажува гениталиите, или да мастурбира пред вас? 

Ова се дел од прашањата на анкета која ја покрена иницијативата „Женска слободна зона“, чиј фокус е креирање на сигурни простори за жени во Скопје.

За таа цел им се потребни податоци за формите на сексуалното вознемирување и јавните простори во градот каде што се случуваат.

„Анкетата е кратка и анонимна, не постојат точни и погрешни одговори. Резултатите од анкетата ќе ни помогнат во обележувањето на јавните места и креирање од нив побезбедни места за движење“, велат од иницијативата.

„Женска слободна зона“ е производ на желбата за солидаризација и заедничка борба против сексуалното вознемирување, уличното вознемирување и мизогинијата, но и намалување на родовиот јаз.

Онлајн платформата ќе има за цел да освестува, едуцира и охрабрува да се препознава сексуалното вознемирување во секојдневниот живот и истовремено да споделува вакви случаи и да реагира за нив.

Анкетата е достапна на следниот ЛИНК.