И годинава, како и изминатите три години, учениците кои се запишуваа во средно образование, мораа прво да пополнат електронска апликација на e-uslugi.mon.gov.mk, па потоа во јпг или пдф формат да прикачат и извод и свидетелства од последните 4 години од основното образование, и на крај, за да докажат дека свидетелствата се вистински, мораа и физички да ги носат на увид во училиштата, пишува агенцијата Мета.
Иако многупати досега низ годиниве надлежните ветуваа воведување дигитални услуги во македонското образование, сепак, и годинава за упис родителите и учениците вршеа двојна работа, дигитално и аналогно или што се вели „пешки“.
Министерката Весна Јаневска, кога даваше отчет за сработеното во првата година на власт, пред два дена, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека за една година од сега, родителот ќе може онлајн од телефон да го запише детето во средно училиште.
Сепак, јaвноста е скептична во врска со ова, со оглед на фактот дека повеќе пати досега во минатото беше ветувано дека ќе има е-свидетелства и автоматско преземање на оцените од е-дневникот при упис во средно, но ова ветување до сега ниту една влада не го исполни.
Прилично уверлив во истото ветување беше и претходникот на Јаневска на позицијата министер за образование, Јетон Шаќири. Тој, пред точно три години, кога раководеше со МОН, најавуваше низа дигитални услуги кои требаше да се во полза на родителите и наставниците – надграден е-дневник со полесни функционалности, побрзи сервери што во текот на работата на наставниците ќе им овозможи на наставниците непречена работа, потоа, вети мобилна апликација на е-дневник, како и подобра комуникација во реално време со родителите.
„Во план е воведување на електронско свидетелство, автоматско внесување на оценките во е-дневник при аплицирање на основци во средно, а работиме на идејата за имплементација на нов Higher education management system (HEMIS) за автоматско аплицирање за матурантите на универзитетите“, најави тогаш тој.
По неколку месеци, откако ги вети овие дигитални услуги кои требаше да бидат олеснување за сите, Шаќири не одговори на прашањата, до каде се овие реформи кои се однесуваат на дигитализацијата.
На прашање на Мета, дали Шаќири е на став дека треба се издаваат свидетелства во електронска форма, тој кажа дека за тоа да профункционира мора да се усвојат законски измени.
„Делот за е-свидетелство треба добро да се разгледа. Точно е дека со издавањето е-свидетелство се добива на време, но на пример, во процес на нострификација, секогаш има забелешки за е-документите. Таа идеја е супер ако зборуваме за заштеда на време, но мора да има законски имени за да е сето тоа функционално“, рече Шаќири.
Министерската Јаневска пак, фактот што годинава немаше целосно електронски упис, го објаснуваше со тоа што не сите училишта имале пристап до е-дневникот.
„Но, од идната година кога ќе се пушти во употреба надградениот е-дневник, предвидено е училиштата преку нивните системи да ги поврзат сите документи кои ќе бидат потребни за да се запише ученикот. Следната година овој проблем ќе го нема. Не сите родители и ученици се подготвени да аплицираат онлајн. Системот сам ќе ги повлече податоците онлајн. Средното училиште откако онлајн ќе се пријави ученикот, по електронски пат ќе си ги повлече сите свидетелства за да го провери успехот. Родителите нема да мора да го имаат свидетелството во раце при упис. Годинава не дека не можемме, туку голем број не знаат како тоа да го направат. Лесна е процедурата, но дигиталната писменост треба да се издигне на повисоко ниво. Затоа им велиме дајте ни ги во хартиена форма, додека населението не се подготви“, рече Јаневска.
Инаку, професори од ФИНКИ за Мета велат дека е-свидетелства е одлична идеја бидејќи за да се креира свидетелство може да се „влечат“ податоци директно од е-дневникот, но за ова да се реализира, потребно е да се изгради цел систем.
„А тоа се прави само ако има волја и ресурси“, вели професор на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), кој сакаше да остане анонимен.