Вештачка интелигенција во јавниот сектор: Над 6 милиони евра за 48 проекти, никакви резултати

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека Македонија нема стратегија, законска рамка, ниту соодветна инфраструктура за примена на вештачката интелигенција (ВИ) во јавниот сектор, и покрај тоа што во периодот од 2018 до 2023 година преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) се кофинансирани 48 проекти во вредност од 6,11 милиони евра. Ниту еден од овие проекти не е имплементиран во институциите, пренесува агенцијата Мета.мк.

Ревизијата на успешност на тема „Можности за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор“ покажала дека отсуствуваат национална стратегија и законска регулатива за утврдување на правилата за имплементација на ВИ, акциски планови со рокови и одговорности, како и обезбеден буџет за такви проекти.

Иако во повеќе стратешки документи употребата на ВИ се споменува како дел од пошироки цели во областите како образование, здравство, безбедност, дигитализација на администрацијата, финансии, туризам и земјоделство, нема координиран пристап и конкретни планови за реализација.

ДЗР констатирал дека незначителни се вложувањата во ИКТ инфраструктура за напредни истражувачки капацитети, како суперкомпјутери, дата-центри и системи за обработка на големи податоц. Тоа ја ограничува подготвеноста за користење на ВИ. И покрај покриеноста со 5G мрежа за 96,99 отсто од населението, земјата нема современа и сеопфатна дигитална инфраструктура.

Од 48-те финансирани проекти со елементи на ВИ распоредени во сектори како авионска индустрија, авто/агро индустрија, ветерина, е-бизнис, енергетика, здравство, ИТ, финансии, образование, јавен и правен сектор, недостасува јавен регистар, што ја намалува видливоста, следливоста и можноста за нивна примена во институциите.

Како пример за недоволна одржливост, ревизорите ја наведуваат алатката АДА – дигитален асистент базиран на ВИ, промовиран од Владата во 2023 година за зголемување на транспарентноста и информирање за инвестициските можности. Алатката повеќе не е во функција, иако за нејзино развивање и одржување биле потрошени 150.000 евра.

Ревизијата нотира и дека ограничената достапност на отворени податоци, слабата координација со меѓународни тела и ниската институционална подготвеност претставуваат сериозни пречки. Порталот за отворени податоци, воспоставен во 2018 година, не функционира од почетокот на 2025 година, поради што земјата не е вклучена во европските извештаи за зрелост на отворените податоци во 2023 и 2024 година.

Во делот на човечките ресурси, факултетите ФИНКИ и ФЕИТ при УКИМ имаат значителен број дипломски, магистерски и докторски трудови поврзани со ВИ и учествуваат во проекти како TTS-MK и ChatMed, но недостига јавен регистар на обучен кадар, формализирани програми за преквалификација и системска поврзаност со јавниот сектор.

Ревизорите утврдиле дека иако законодавната рамка за заштита на личните податоци е усогласена со европските стандарди (GDPR), примената на тие стандарди при ВИ проекти е недоволна и ризична, а Агенцијата за заштита на личните податоци нема доволно капацитети за надзор. Не постои формализиран механизам кој ги регулира сите етички аспекти при примена на ВИ во јавниот сектор.

ДЗР препорачува Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Владата и другите надлежни институции, да воспостави национална стратегија и законска рамка за ВИ, да инвестира во ИКТ инфраструктура, да создаде централизирана база на ВИ проекти и да воспостави механизми за заштита на личните податоци и етичка примена на технологијата.