19-то издание на меѓународната конференција „е-Општество.мк“ на тема „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност”, ќе се одржи на 19 декември во хотел „Мериот“ Скопје (сала Ballroom I).
Организатор е Фондација Метаморфозис, од каде велат дека, водени од глобалните но и регионални предизвици со кои се соочуваме, оваа година фокус ставаат на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз човековите права.
„Воспоставувањето правилна рамнотежа помеѓу иновациите и одговорноста е од клучно значење за негување на дигитална средина која се грижи за прашања како приватност, пристрасност, дискриминација и етичка примена на вештачката интелигенција за заштита на човековите права. Етичката примена на вештачката интелигенција е многу повеќе од само прашање на технолошки напредок, туку опфаќа и заеднички напори на сите клучни чинители за обезбедување иновации кои ќе го направат полесен животот на граѓаните, притоа штитејќи ги нивните права и достоинство. Младите како една од најранливите категории се особено изложени на ова влијание, со посебен акцент на користењето на генеративната вештачка интелигенција (чет-ботови) и последиците по менталното здравје од неправилно користење на алатките базирани на вештачка интелигенција, и како идни лидери, треба да биде приоритет тие да станат дигитално компетентни и одговорни граѓани“, вели Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.
Тој додава дека, како што вештачката интелигенција продолжува да го обликува нашиот свет, потребата за заштита на човековите права без задушување на технолошкиот напредок станува најголем предизвик.
Повеќе информации за конференцијата има на следниот ЛИНК.
Сите заинтересирани да учествуваат треба да се регистрираат на следниот ЛИНК не подоцна од 14-ти декември.