Вештачка интелигенција не може да биде пронаоѓач на патенти, одлучи Британскиот врховен суд

Компјутерскиот научник Стивен Талер од САД денеска го изгуби случајот во Британија околу тоа дали вештачката интелигенција (ВИ) може да биде носител на патент.

Тој барал да му се потврдат два патенти во Велика Британија за пронајдоци за кои тврдел дека биле изработени од неговата „креативна машина“ наречена ДАБУС.

Неговиот обид да ги регистрира овие два патенти првично бил одбиен од Британската канцеларија за интелектуална сопственост, со образложение дека пронаоѓачот мора да биде човек или компанија, а не машина.

Талер потоа покренал процес пред Врховниот суд, кој денеска едногласно ја одби неговата жалба по основ дека според британското право на патенти „пронаоѓачот мора да биде вистински човек“.

„Оваа жалба не го опфаќа поширокото прашање за тоа дали технолошките иновации направени од машини кои функционираат автономно, базирано на ВИ можат да бидат патентирани“, напишал судијата Дејвид Кичин во пресудата.

„Истовремено не се опфаќа ниту прашањето дали значењето на терминот „пронаоѓач“ треба да се прошири… и тој да ги опфаќа и машините засновани на ВИ, кои можат да генерираат нови и необични продукти и процеси кои можат да понудат одредени придобивки за разлика од веќе познатите продукти и процеси“, додава судијата.

Талер претходно оваа година изгуби сличен случај во САД, каде Врховниот суд одби да го разгледува случајот во кој се спореше одлуката на Американската канцеларија за патенти и заштитни знаци кои одбија да му одобрат патент за пронајдок создаден од неговиот ВИ систем.