Авторот на „Игра на тронови“ го тужи сопственикот на „ChatGPT“ за неовластено користење содржина

Писателите Џорџ Р.Р. Мартин и Џон Гришам го тужат сопственикот на „ChatGPT“ со тврдење дека неовластено користеле нивна интелектуална сопственост за тренирање на системот базиран на вештачка интелигенција (ВИ).

Мартин е познат по неговиот научнофантастичен серијал „Песна за мразот и оганот“, кој беше адаптиран во популарната ТВ серија „Игра на тронови“.

„ChatGPT“ и други големи јазични модели базирани на ВИ учат преку анализирање на огромно количество податоци што често се добиваат на интернет. Во тужбата авторите тврдат дека нивните дела биле користени без нивна дозвола со цел „ChatGPT“ да стане „попаметен“.

Меѓу другите познати автори кои се приклучија на тужбата се и Џонатан Френзен, Џоди Пику и Џорџ Сандерс.

Тужбата е поднесена во Федералниот суд во Менхетен, Њујорк, од Здружението на автори – американска трговска група која работи во име на наведените автори. Тие ја обвинуваат компанијата за учество во „систематска кражба од масовни размери“.

„Водиме продуктивни разговори со многу креатори низ светот, вклучително и Здружението на автори, и заеднички работиме со цел да ги разбереме нивните загрижености за ВИ и да дискутираме за тие прашања. Оптимисти сме дека ќе најдеме начин за заедничко работење кое ќе биде од корист на двете страни“, изјавија од компанијата ОпенАИ, под чија сопственост се наоѓа „ChatGPT“.

Оваа тужба следи откако во јули сличен процес покрена комичарката Сара Силверман. Дополнително во јавно писмо потпишано од писатели како Маргарет Атвуд и Филип Пулман, авторите повикаа ВИ компаниите да платат за користењето на нивните авторски дела.