Вероника Ротин ја освои Големата награда на фестивалот „Езерски бисери“

Вероника Ротин ја освои Големата награда на фестивалот „Езерски бисери“

Kамерниот хор при Московскиот институт за физика и техника од Русија и талентираното девојче од Малта Вероника Ротин (10 години) се добитници на Гран при на меѓународниот арт-фестивал „Езерски бисери“ во Струга. Наградите ќе им бидат врачени денеска во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а потоа наградените учесници ќе одржат гала-концерт.

Натпреварите се одржале во две програми: класика и естрада  и кореографија.

Во класична музика, инструменталисти, за лауреати од прв степен се прогласени Иван Трајаноски на саксофон и Варвара Петрова на обоа, кои добија и посебна награда „Бисер на фестивалот“, Богдана Бушевска на флејта, Тамара Смилјаноска на пијано и Филип Гаврилоски на хармоника од Македонија, Евгениј Николаев и Дарија Мелникова од Русија на пијано.

Македонските таленти во класична музика, соло-пеење, за лауреат од прв степен се прогласени Денис Димоски, Мартина Аврамоска и Јане Дунимаглоски, кој ја освои и наградата „Бисер на фестивалот“. Во хорско пеење лауреати од прв степен се Kамерниот хор при МФТИ и Kонцертниот хор „Премиера“ од Русија.

Во програмата естрада, лауреати од прв степен во естраден вокал, солисти се Антонија Гиговска, Иван Мамучевски од Македонија и Даниела Михеева и Анастасија Силантјева од Русија, Весна Малиќ од Босна и Херцеговина.

Kазахстанските учесници од Театарот на мода „Kолибри“ и танцовиот колектив „Акку“ беа лауреати за народно стилизиран танц.

На ова издание на „Езерски бисери“ се натпреваруваа околу 400 учесници од Македонија, Русија, Израел, Kазахстан, Малта, Босна и Херцеговина, Бугарија… Освен официјалниот дел, за учесниците беа организирани и посета на Вевчани и Охрид и крстарење по Охридското Езеро.

Извор