Нада Скерлев е пензионирана лекарка-педијатар која има 84 години, а 53 од нив навива за англискиот фудбалски клуб „Манчестер јунајтед“. Таа со „црвените ѓаволи“ е подолго од Сер Алекс Фергусон, но среќата не ја послужила кога се обидела преку лотарија да добие билет за да присуствува на финалето на Суперкупот кој треба да се одржи во вторник. Затоа, нејзините ќерки покренаа иницијатива на социјалните мрежи за тетка Нада да добие билет.
Приказната на крај дојде и до луѓето од Фудбалската федерација на Македонија, од каде соопштија дека и обезбедиле место на Арената „Филип Втори“.
Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, кој како и Скерлев ја дели истата страст за овој клуб денеска ја покани да биде гостин на финалето од Суперкупот.
Тетка Нада навива за „Манчестер Јунајтед“ од 1958 година. Љубовта кон клубот трае уште од времето на нејзините студии во Англија.
„Благодарност до ФФМ, ова за мене ќе биде неповторливо чувство. Пресреќна сум што ќе го гледам мојот омилен тим во Скопје“, рече верниот фан Нада.