„Верајзон“ го презеде „Јаху“, Маер си поднесе оставка

Американската телекомуникациска компанија „Верајзон“ вчера соопшти дека ја заврши зделката за преземање на „Јаху“ за 4,48 милијарди долари и дека Мариса Маер, извршната директорка на компанијата поднела оставка.

Преземањето го означи крајот на „Јаху“ како самостојна интернет компанија, технолошкиот пионер кој порано достигнуваше вредност повеќе од 100 милијарди долари.

„Верајзон“, број еден безжичен оператор во Америка, ќе го стави „Јаху“ во комбинација со АОЛ. Новата ќерка-фирма на „Верајзон“, наречена „Оат“, ќе ја предводи Тим Армстронг, извршниот директор на АОЛ.

„Оат“ предводи повеќе од 50 брендови вклучително „Хафингтон пост“, ТекКранч“ и „Тамблер“.

„Со оглед на промените на мојата улога, ќе ја напуштам компанијата“, пишува во мејлот што Маер го испрати до вработените, а потоа истото го објави и на „Тамблер“.

„Сепак, сакам секој од вас да знае дека сум полна со носталгија, благодарност и оптимизам“.

Армстронг им се обрати на вработените во посебна порака велејќи дека комбинираната компанија достигнувала над една милијарда луѓе секој месец.

Ројтерс“ објави минатата недела дека „Верајзон“ планира да укине околу 2000 работни места, или 15 отсто од 14 000 вработени во „Јаху“ и АОЛ.

„Јаху“ намали 15 отсто од својата работна сила минатата година, а АОЛ отпушти 500 вработени.