Вера Калин, односно Верче Карафилоска е најчитан автор во 2016 година. Нејзиниот прв роман „Бездомникот со златен часовник“ била најбараната книга во јавните библиотеки низ Македонија минатата година. Признанието денеска и беше врачено во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ која денеска ја организираше манифестацијата „Ден на читателот“.
Вера Калин истакна дека ова не е нејзина прва награда, но дека ќе и биде една од најзначајните затоа што доаѓа од читателите, односно од оние за кои таа ја посветува својата литература. Рече дека пробивот во македонската книжевност и бил лесен затоа што верува во тоа што го прави.
„Кога влегов на книжевната сцена пред четири години со два мои расказа, се зборуваше за негативни искуства во издаваштвото во Македонија. Се зборуваше дека нема читатели, а дури и да ги има тоа не се читатели на македонски автори, а посебно ако авторот е млад – тогаш нема да биде сериозно сфатен. Решив да не ги следам сите тие туѓи приказни и, некако, многу лесно го поминав патот. Мојата издавачка куќа целосно ме поддржа и ми овозможи маркетинг и промоција досега невидени и е делумно заслужна што им помогна на сите тие читатели да станат свесни за моето дело. Понатаму се беше работа на читателите. Оваа награда не е само за мојата читаност, туку и доказ дека невозможните работи се невозможни се додека не станат возможни“, рече Вера Калин, која наградата ја прими од Коста Петров, кој беше награден за најчитан автор во 2015 година.
Наградата се доделува седми пат и, покрај нив, нејзини досегашни добитници беа и: Венко Андоновски, Блаже Миневски, Игор Џамбазов, Винка Саздова и Марија Јаневска.
Директорот на НУБ Иван К. Заров истакна дека нивната библиотека вторпат ја организира манифестацијата „Ден на читателот“ на која, рече, на пиедестал се става читателот.
„Затоа што содржините и пораките што авторите ги имаат кодирано во нивните книги се насочени кон читателите и без нивното воспримање книгата ќе биде само обичен предмет. Затоа, неслучајно на овој ден ја доделуваме наградата „Најчитан автор“ што го одредивме во соработка со јавните библиотеки во Македонија, кои ни испратија списоци со автори чии книги биле најчесто позајмувани во текот на 2016 година“, рече Заров.
На Денот на читателот НУБ ги прогласи и наградените автори од првиот Конкурс за необјавена песна на тема „Книга, библиотека, читател, читање“. Од пристигнатите шеесетина песни, комисијата одлучи првата награда да ја добие Маја Мојсова за песната „Прелистување на душите“, второнаградена е Ана Јовчевска за „Млади поети“, а третата награда ја доби Билјана Димко за песната „Читател“.
На настанот беше претставен и првиот број на списанието „Издаваштво“ кое НУБ почна да го издава оваа година. Тоа ги опфаќа најрепрезентативните публикации, едиции, издавачки проекти и манифестации поврзани со книгата. Во план е да се појавува еднаш годишно.
„„Издаваштво“ е извесна и релативно свежа појава на нашето издавачко небо, проект на НУБ „Св. Климент Охридски“. Пред се, тоа е конципирано како списание кое ќе придонесе за презентација и афирмација на издавачката дејност во нашата земја во годината што е измината“, рече Владимир Илиевски, одговорен уредник на списанието.