Венецуела минува низ една од најголемите хуманитарни кризи

Нивото на екстремна сиромаштија во Венецуела пораснало за 40 отсто, сѐ поголем е бројот на деца кои умираат поради неухранетост, а милиони жители побегнаа од земјата во последните две години, пишува Би-би-си.

Според извештајот на Обединетите нации, Венецуела минува низ една од најголемите светски хуманитарни кризи.

Голем број светски политички експерти, но и голем број граѓани на Венецуела, за таквата состојба во државата го обвинуваат социјалистичкиот претседател Николас Мадуро. Но, неговите поддржувачи го тврдат спротивното и за хуманитарната криза ги обвинуваат опозицијата и светските „империјални сили“, како САД, кои на Венецуела ѝ наметнаа тешки санкции.

Владимир Хернандез, репортер на Би-би-си, мина некое време во главниот град на Венецуела Каракас. Смета дека економската криза најмногу ги погодила мајките и децата.

„Секакви нешта може да ви се случат ако живеете на улица. Ќе ве претепа полицијата, а луѓето потсмешливо ќе ве гледаат ако просите“, му објаснило едно момче на Хернандез.

Хернандез објаснува дека станува збор за деца кои ги напуштиле родителите и ги исфрлиле од своите домови бидејќи не можат повеќе да ги издржуваат.

Храната за многу жители на Венецуела стана луксуз, особено за оние кои живеат во сиромашните квартови. Вообичаена појава е да се видат деца и возрасни како очајно копаат по ѓубрето за да најдат малку храна, јавува Хернандез.

„Сѐ повеќе има деца во засолништата за бездомници. Бројот на децата во засолништата од почетокот на кризата порасна за дури 40 до 50 отсто. Оваа година е уште полошо. Во првата половина на 2018 бројот на напуштени деца дополнително порасна за дури 60 отсто“, вели Леонардо Родригез, шеф на засолништето Каза Дон Боско.

Во економската криза тешко им е и на идните мајки. Голем број бремени жени се одлучуваат да ги дадат своите деца на посвојување. Имено, на родителите на повеќечлени семејства им е сѐ потешко па бремените мајки се решаваат да ги дадат новородените бебиња на посвојување за да можат да ги прехранат другите деца.