Венеција ќе потоне за еден век доколку не се намали глобалното затоплување

Венеција ќе биде под вода за околу еден век, доколку забрзувањето на глобалното затоплување не се спречи и доколку не се постави одбранбен систем за поплави, вели нов извештај за климатските промени.

Древниот и иконичен град ќе биде поплавен, бидејќи се предвидува дека Средоземното Море ќе има 140 центиметри повисок водостој пред 2100 година, според истражувањето.

Истиот пораст во морските нивоа се предвидува дека ќе „избрише“ крајбрежје долго 283 километри на северот на Јадранското Море и делови од западниот брег на Италија, поради емисиите на стакленички гасови.

Извештајот, објавен во Quarternary International, тврди дека 5500 километри квадратни крајбрежни рамнини ќе бидат поплавени пред 2100.

„Губењето на земјата кое следува ќе влијае на околината и на локалната инфраструктура, што значи дека архитектите кои работат во урбанизација и оние кои ги носат одлуките треба да ги земат предвид овие сценарија и да создадат крајбрежен менаџмент“, вели главниот автор на студијата, Фабрицио Антониоли.

„Нашиот метод развиен за италијанскиот брег може да се примени низ целиот свет и кај другите крајбрежни области кои се очекува да бидат под влијание на зголемувањето на морските нивоа, поради глобалните климатски промени“.

Пишува и дека нивоата на морињата пораснале за 32 центиметри во изминатиот еден милениум.

Во областите кои се загрозени, живеат 19 проценти од европското население. Околу 75 проценти од италијанската популација се проценува дека живеат најдалеку 10 километри од брегот.

Истражувањето е спроведено од Италијанската Национална Агенција за нови технологии, енергија и одржлив економски развој (ЕНЕА).