Венеција ги забрани ќебапчилниците за да ги зачува „традициите и декорот“ на градот

Во обид да ги зачуваат традиционалниот изглед, властите на Венеција ги забранија ќебапчилниците и другите продавници на брза храна. Оние кои веќе постојат ќе продолжат со работа, но не смеат да се отвораат нови.

Законот кој беше усвоен во четвртокот ќе го ограничи и бројот на ресторани кои продаваат пица на парче. Само дуќаните кои продаваат сладолед ќе бидат исклучок од мерката, за која долго време лобираше градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро.

Паола Мар, директор за туризам на градот, вели: „Сакаме да ставиме кочница на видовите на активности кои не се совпаѓаат со зачувувањето и развојот на културното наследство на Венеција“.

Мар вели дека градот не се противи на ќебапите или другите видови на брза храна, и потенцира дека нема проблем со тоа луѓето да јадат на отворено, иако јадењето на храна за носење на плоштадот Сан Марко е забрането.

„Проблемот е во тоа што во туристички град како нашиот, има ризик дека ќе го изгуби својот идентитет. Има локални производи кои мора да се обидеме да ги промовираме. Ова ќе биде подобро за духот на градот и, на еколошко ниво, ќе биде поодржливо“.

Мар додава и дека планираат да отворат места за пикник, каде посетителите можат да јадат и кои би ги одвратиле од јадење на храна за носење.

Венеција е последен италијански град кој ја ограничува продажбаа на брза храна, во државата која се гордее со својата традиционална кујна. Минатата година Верона престана да отвора нови ќебапчилници, а Фиренца се обиде да ја ограничи „странската храна“ со закон дека сите ресторани и дуќани за храна мора да содржат барем 70% локални производи.