Бавната интернет конекција во рурален Велс натерала локален жител да се приклучи на интернет, чиј сигнал доаѓа преку сателит од конекција на оддалеченост од 35405 километри, поставена во Африка.
Професорот Кристофер Спрај, 79, кој живее во Хеол Сени, имал брзина на спуштање од само 500 килобајти на секунда.
Спрај води веб страница на која ги најавува сите настани и новости во заедницата, а често објавува и временска прогноза и видеа од природата наоколу. Затоа, платил 620 фунти за сателитски широкопојасен интернет, кој доаѓа од Демократската Република Конго, преку Луксембург.
„Тоа е зачудувачко технолошко достигнување“, вели тој.
Во градот во кој живее професорот Спрај, многу е лошо и покривањето со 3Г интернет, па откако ги истражил сите опции, се решил за сателитска технологија.
Жителите сега би можеле да добијат брз интернет во руралната заедница, бидејќи за потегот на Спрај известија сите поголеми медиуми во Велс и Велика Британија.
Пензионираниот професор на имунологија праќа 420 фунти годишно за неговиот сателитски интернет, кој му обезбедува брзина на преземање до 28 мегабајти на секунда.
„Заинтересиран сум во тоа што се случува во светот и сум многу љубопитна личност. Постојано поставувам прашања и имам потреба да знам многу нешта, па интернетот е прекрасен избор за сите нас кои сакаат да знаат што се случува“, вели тој.
Тој плаќа и дополнителни 250 фунти за интернет од британска компанија, кој го користи како резерва во случај пороен дожд или снег да го блокира сателитскиот сигнал и да му ја прекине комуникацијата.
„Навистина прави голема разлика, мислам дека мојот живот би бил многу тежок овде. Но, потребни се 24.000 милји над површината на Земјата, над Конго. Смешно е, нели?“, вели тој.
„Без добар интернет живееме во мрачно доба, па да се надеваме дека секој ќе има брз интернет и ќе може да го користи за што и да сака – за забава, образование, истражување. Интернетот е прекрасна алатка за сите“, вели господинот Спрај.