Велосипедско возење низ Скопје и проекција на филм во Градски парк

Како дел од Европската недела на мобилност и дел од настаните на Недела за иднината, денеска ќе се одржи велосипедско возење низ градот кое ќе заврши со проекција на филм за климатски промени во Градскиот парк.

Возењето ќе започне во 19 часот во паркот Жена Борец кај споменикот на Питу Гули, а ќе заврши пред Школка во Градски парк. Проекцијата на филмот „This changes everything” ќе започне од 20 часот .

„Климатските промени се проблем кој не можеме повеќе да го игнорираме. Нашата земја ги трпи последиците од климатските промени – долги сушни периоди, бури со силни ветрови и град и нема финансиски средства да се справи со нив“, велат од Еко-свест, организатори на настанот.

„Климатските промени и мобилноста на граѓаните, особено во градот се тесно поврзани меѓу себе. Транспортниот сектор во земјава учествува со 13% во вкупните национални емисии во 2014 година, а оттогаш имаме растечки тренд поради се поголем број на луѓе во градовите. Од друга страна пак климатските промени директно влијаат на мобилноста на граѓаните, правејќи го неможно движењето на луѓето и добрата во услови на екстремни временски услови како топлотни бранови и бури. Сообраќајот влијае и врз здравјето на луѓето и квалитетот на живот, предизвикувајќи загадување на воздухот и бучава“, стои во најавата за настанот.