Велосипедско дефиле во Скопје за „Денот без автомобили“

Денеска Градот Скопје ги затвори најпрометните сообраќајници во центарот на Градот и ги отвори за над 2500 велосипедисти, граѓани, ученици, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот – учесници на велосипедското дефиле со кое се одбележа „Денот без автомобили 2018“.

Велосипедското дефиле заврши кај Школката во Градски парк каде беше организирана лотарија за учесниците и на повеќе среќни добитници им беа доделени велосипеди, тротинети и дополнителна опрема за велосипедисти што ги обезбедија Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Титан Цементарница Усје.

Дефилето е спроведено во рамки на Европската недела на мобилност која се одбележува во 13 градови во државата и во 2686 градови во Европа, од 16-22 септември, под мотото „Комбинирај и движи се“. Со различни содржини и настани Неделата се одбележува и во Велес, Берово, Битола, Пробиштип, Неготино, Лозово, Нов Дојран, Струмица, Охрид, Крива Паланка, Гевгелија и Куманово.

Ова Европска иницијатива е поддржана од Делегацијата на ЕУ во Македонија и ЕУ Инфо Центарот, Скопје.