Велосипеди од БиХ на улиците на Калифорнија

„Харли Дејвидсон“ помеѓу велосипедите или „крузер“ велосипедот е познат модел кој  се вози низ САД, Јужна Африка, Австралија, Русија и други земји ширум светот, а се произведува во рачните работилници на фабриката GS-TMT Травник, во Босна и Херцеговина, јавува  Ал Џезеира. Овој луксузен велосипед на купувачите им се испорачува по пошта, и тоа во делови кои самите ги монтираат. Телото на овој велосипед рачно го изработуваат вработените на фабриката од БиХ, а цената на целиот производ се движи од 1.500, па се до 30.000 евра.

Велосипед БиХ

Но, кој купува велосипед со цена на автомобил? 

„Оние кои сакаат да се покажат. На пример, се возат во Калифорнија и Хаваи. Ги купуваат љубителите на велосипедизмот, а тоа е тренд кој доаѓа од Америка“, објаснува Снежана Копрунер,  директорка на оваа успешно приватизирана компанија, која настанала од работилница за поправки од 1952 година, како дел од работниот систем на фабриката „Братство“ од Нови Травник. Таа додава и дека Босанците не можат да си дозволат таков луксуз, па затоа овие велосипеди се извезуваат преку интернет.

„Самите избирате каков облик и какви делови сакате. Тие ви ги пакуваат тие делови, а вие го добивате тоа и сами си го монтирате велосипедот“,  вели таа и додава дека годишно продаваат 1.000 до 2.000 вакви велосипеди.

„Имаме 12 различни типови на тела за велосипед. Скицата ја добиваме од Германија, гледаме како тоа би требало да изгледа и почнуваме да ги изработуваме“, вели Мухамед, еден од заварувачите во фабриката, кој таму работи веќе 4 години.

Меѓутоа, за да ги задоволат додатните барања на љубителите на „крузер“ велосипедите, а истовремено да имаат и сопствен производ, управата на компанијата се одлучила на нов чекор – да вградат електромотор и да го направат првиот електричен велосипед во Босна и Херцеговина.

„Забележавме зголемен интерес за овие велосипеди, бидејќи има доста нарачки, препознавме голем потенцијал и заклучивме дека на пазарот треба да излеземе со сопствен производ. Мислиме дека тоа би можел да биде електричен велосипед, кој би изгледал слично на веспа“, вели Копрунер.

Делови за возови 

Се очекува дека до крајот на годината ќе биде готов прототипот на електричниот велосипед, а планот е наредната година веќе да дебитира на пазарот. Иако дизајнот за крузер велосипедот се прави во Германија, желбата на управата на GS-TMT е дизајнот за електричниот велосипед да се изработи во Босна и Херцеговина.

„Веќе ни се јави еден дизајнер од Сараево, и рече дека би сакал да работи на дизајнот на електричниот велосипед. Ни се јавуваа и други луѓе со предлози што би требало да направиме. Дури тогаш гледате колку луѓето креативно размислуваат“ – истакнува директорката на GЅ-TMT.

Оваа комапнија, иако има повеќе од 200 вработени, сепак опстанува од други сегменти на производство, и тоа многу добро. Минатата година компанијата остварила приход од седум милиони евра.

Засега таа е единствената фирма од БиХ која изработува заварени конструкции за возови, а водечки клиент на тоа поле на производство е Bombardier Transportation, најголемиот светски производител на железнички возила, која произведува и авиони. Соработуваат и со Knorr-Bremse, за кои изработуваат куќишта во кои се монтираат клима-уреди и системи за кочење, што е „најважниот дел на еден воз“.

Рудник на пари

Иако соработуваат со повеќе поголеми фирми, директорката истакнува дека најголем потрошувач им е фирмата GROB од Минделхајм, која работи со центри на изработка и трансфер на линии за автомобилската индустрија.

„Тоа е голема фирма, има повеќе од 3.000 вработени и годишно има приход од околу 1,2 милијарди евра. На таа фирма од нас секој месец и доаѓаат половина милион евра од различни заварени конструкции“, напоменува Атена Стегерт, извршната директорка која е задолжена за финансиите.

Кутии за Siemens

Освен производство, компанијата се бави и со печатење. Нивната печатница некогаш припаѓала на Борац, а потоа била ставена под стечај.

„Вработените ги добија машините во таа стечајна постапка, а ние од нив ги купивме и вработивме дел од работниците. Сега со тоа правиме амбалажи, претежно за извоз“, вели директорката Копрунер.

Еден од главните купувачи им е фирмата Siemens, за која прават кутии од крајот на 2013 година, од што, како што велат, изработиле 60.000 евра.

„Не е едноставно да се работи за Siemens, бидејќи кога тие доаѓаат овде, ги прегледуваат сите аспекти – од тоа каква е заштитата на опремата до тоа како се однесувате кон природата. Ние ги задоволивме тие услови“, нагласува Снежана.

Во компанијата е покренато и нешто што дефинитвно отскокнува од дејноста на компанијата – едукативна програма за деца. Буквари, боенки и дидактички игри за деца кои ги подобруваат нивните когнитивни способности изработуваат дизајнери вработени во GS-TMT, а дел од нив се подаруваат на градинките во Босна и Херцеговина.

Извор: Ал Џезеира

Превод: С.Т.