Велосипедистите бараат патеки, РСБСП апелира на почесто возење велосипед

Мај е прогласен за месец на велосипедистите, а Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП)  апелира да се зголеми свеста за користење велосипед како алтернативно превозно средство од здравствен, еколошки, сообраќаен и економски аспект. Урбаните велосипедисти пак, укажуваат дека се неопходни подобри услови з возење велосипед.

„Возењето велосипед претставува одлична кардио вежба. Ќе ви ја зголеми кондицијата, ќе ви го подобри општото здравје, ќе ви помогне да ја достигнете и задржите вашата идеална тежина. Ќе ви се зголеми тонусот на мускулите, ќе ви се затегнат нозете, грбот, задникот, стомачните мускули, рамениците и рацете. За време на возење велосипед, се зголемува лачењето нендорфин во вашиот мозок, што прави да се чувствувате среќни и расположени. Се на се, ќе бидете поздрави, посилни и посреќни“, соопштуваат од РСБСП.

Оттаму додаваат дека велосипедите се еколошко превозно средство, зафаќаат малку место во сообраќајот, агилни се и лесно подвижни, но и многу поевтини од моторното возило.

„Доколку не сте сигурни дали сте за тоа или не, барем обидете се. После само неколку часа, ќе се уверите дека тоа е мудра постапка и за Вас, и за околината“, порачува РСБСП.

Додека Републичкиот совет апелира, од Критична маса со години се обидуваат да ги натераат надлежните да ја подобрат велосипедската инфраструктура и да овозможат основни услови за возење велосипед. И последната Критична маса во април во Скопје, која се одржува секоја последна среда во месецот, се возење под мотото „Скопје ние сме спремни, а ти?“.

„Граду, како ќе ја дочекаш навалата на точаци што незапирливо расте? Скопје има 60-тина км. патеки со кои нон стоп се фали, но никако да ги доведе ни нив во добра состојба, камоли пак да изгради нови.

Бараме најитно да се донесе правилникот за велосипедските патеки, да се направат јавни дебати, да се повикаат професионалци кои ќе дадат свој придонес за Скопјани што побрзо да ги добијат оние услови кои им следуваат“, порачаа тогаш скопските велосипедисти со 36-тата Критична маса.

Освен во Скопје, и луѓето кои се „На Точак“ во Гостивар, Тетово, Прилеп, Битола, повеќе пати побараа подобри услови за возење велосипеди во урбаните средини.