Велопатеките во Скопје достигнаа 110 километри, „На Точак“ со конкретни предлози до градските власти за догодина

Должината на велосипедските патеки на територијата на Скопје годинава достигна околу 110 километри, информираат градските власти. Во изминативе три години биле изградени или реконструирани околу 30 километри од велосипедските патеки, информираат за „Мета.мк“ од Град Скопје. Тие во моментов работат на изведба на велосипедска патека на улицата Благоја Стефковски во населбата Маџари, како и на булеварот 8-ми Септември и улицата Никола Парапунов во општина Карпош. Градските власти периодов ја обележуваат велосипедската лента на улица Никола Карев, а ја завршуваат и документацијата за обележување на велосипедска лента на улица Лондонска, пишува Мета.

Во меѓувреме, од граѓанската иницијатива „На Точак“ доставија конкретни предлози до Градоначалникот и Советот на град Скопје за Буџетот на град Скопје за 2021 година, во кои се наведени нивните барања и финансиската конструкција за исполнување на секое од нив. Од градските власти тие бараат догодина да се обезбедат 70 милиони денари за реконструкција на пешачката и велосипедската инфраструктура на булеварите во Скопје.

Воедно, од „На Точак“ бараат минимум 30 отсто од вкупниот буџет за патната инфраструктура на Град Скопје за 2021 година да се одвои за велосипедска и пешачка инфраструктура. За субвенции за сервис и резервна опрема за велосипеди би биле потребни 3 милиони денари, додека за промена на рабниците на сите булевари низ Скопје да се одвојат 4 милиони денари. За да се прекине окупацијата на велосипедските патеки од возила, „На Точак“ предлагаат Град Скопје догодина да одвои и 5 милиони денари за густо поставување на столпчиња по сите велосипедски ленти.

Од граѓанската иницијатива предлагаат 20 милиони денари да се одвојат од градскиот буџет за продолжување на рекреативната патека на реката Вардар до Сарај на запад, како и до најисточните граници на Град Скопје на исток. За „Простор Антикорона“ од „На Точак“ бараат 20 милиони денари од градскиот буџет за 2021 година.

„Простор Антикорона“ опфаќа дислокација на билборди и ситилајти, ослободување на една коловозна лента, отстранување на паркинг места пред места каде што се собираат или чекаат луѓе – аптеки, банки, пошти… Пандемијата ни покажа дека за справување со неа потребен е поголем простор за безбедно движење и групирање на граѓаните на безбедно растојание. За таа цел бараме ослободување на десните коловозни ленти и стеснување на останатите, а ослободените ленти да се користат за непречено движење на велосипеди и јавен превоз. На булеварите каде што постои велосипедска инфраструктура предлагаме истата да се ослободи за пешаците, бидејќи велосипедистите би се движеле на новата велосипедска лента. Понатаму, бараме ослободување на плоштадите од непотребна урбана опрема и ослободување на паркинг местата пред комерцијалните и здравствени институции пред кои се групираат посетителите“, предлагаат „На Точак“.

Дополнителни 600.000 денари се предлагаат за да се изработки стратешки документ за безбедност во сообраќајот – Визија нула – Визија за Скопје без жртви, но и Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) догодина да се опреми со 5 бројачи на велосипеди кои би ги поставил клучните велопатеки во Скопје, а за што би се издвоиле 4,5 милиони денари. На тој начин, Град Скопје за првпат би го броел бројот на велосипеди што се движат по патеките, кои податоци би можеле да се искористат за идно креирање на сообраќајните политики во главниот град.

„Бидејќи предлозите се во согласност со веќе донесениот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 донесен од Советот на Град Скопје во септември 2019, како и во насока на справување со актуелната здравствена и економска криза, очекуваме поддршка од сите советници“, велат од „На Точак“.

Потребата од зголемен буџет за велосипедската и пешачката инфраструктура во Скопје доаѓа во период на пандемијата од ковид-19, поради која многу градови од развиените земји инвестираа во низа на креативни идеи за проширување на јавниот простор наменет за пешаци и велосипедисти, како би се обезбедило безбедно движење со држење на неопходната дистанца за да се спречи ширење на корона вирусот меѓу граѓаните.

Мета