„Велодарност“- акција за помош на загрозените многудетни семејства

Скопските велосипедисти започнаа акција во која го поврзуваат возењето велосипед и хуманоста. Насловена „Велодарност“, акцијата е насочена кон помош на загрозените многудетни семејства.

По доставување на собраната помош од основни продукти и училишен прибор за децата на семејството Николовски во Волково минатиот викенд, оваа сабота купената помош од средствата собрани на настанот „По стапките на Крали Марко“ и останатите донации ќе бидат однесени на семејството Кочовски во Драчево, кое има пет деца.

„Ќе тргнеме од автобуската за приградски линии на ЈСП под железничка-транспортен центар, ќе поминеме низ Аеродром, каде кај ТЦ „Бисер“ ќе подзастанеме доколку има луѓе кои сакаат да донираат или да се приклучат, а потоа преку нас. Лисиче и селата Горно и Долно Лисиче со вкупно извозени 13 км, ќе стигнеме до Драчево кај семејството Кочоски. Повелете и приклучете се! Секој е добредојден да помогне и да ужива во прошетката!“, порачуваат организаторите на „Велодарност“.

Тие најавуваат дека ако времето е добро, велосипедистите ќе ги посетат природните и културно-историски знаменитости во околината како што се Таор, Марков Манастир или Три Круши.