Вело-родео во Скопје за Европската недела на мобилност

Утре (20 септември) во Градски парк Скопје ќе се одржи вело-родео настан, со почеток во 11 часот, а во органозација на тимот на Еко Логик.

„Со нетрпение го очекуваме и третиот настан на Вело Турнејата, овој пат во Скопје! Минатата година си поминавме прекрасно, со многу дечиња и родители кои уживаа во прекрасното време и забавните активности кои ги имавме планирано! Ве покануваме на 20ти Септември, повторно да уживате во неделното пладне, на Школка во Градскиот Парк, од 11:00 до 14:00 часот – сончево време, велосипеди, друштвени игри и креативно изразување“, се вели во најавата за настанот.

Темата на вело-родеото е секако велосипедизам и се поврзано со велосипеди и возење – многу видови на вежби за вело-вештини каде децата ќе имаат прилика да вежбаат баланс, бавно возење, качување и симнување како дел од одредени вежби, и испробување и на нов полигон.

„Ќе има за секого по нешто, и ќе имате голем избор дури и за друштвените игри! На пример мега-големина Вело Меморија, потоа забавното Еко Не лути се човече, како и интересниот Твистер, но и друго секако…
Да не заборавиме, на овој настан имаме и Патувачка Изложба, со минатогодишните цртежи од ликовниот конкурс на тема велосипедизам и животна средина, многу инспиративни идеи кои ќе бидат прикажани на околу самиот терен на настанот!

Освен Патувачката Изложба, нема ограничувања за креативното творење, па повторно ќе имаме ликовно-креативна работилница каде најмладите ќе можат да прават печати, да креираат оптички играчки, да работат со колаж, да цртаат и сликаат, како и да моделираат фигури, и многу повеќе! Креативното изразување на темите екологија, животна средина и велосипедизам може да биде навистина забавно“, додаваат организаторите.

Настанот ќе биде поддржан од делегација на Европската Унија во Скопје и ќе се одвива по препорачаните здравствени мерки. Вакви настани, по повод Европската недела на мобилност се организараат на повеќе локации низ Македонија.