Велимир Жерновски ја освои наградата „Ладислав Баришиќ“ од AICA за проектот „Шарена револуција“

„Шарена револуција“? (контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)“ на авторот Велимир Жерновски е добитникот на годинешната награда „Ладислав Баришиќ“, која ја доделува Здружението на ликовни критичари AICA Македонија.

На отворениот повик, распишан од 11 април до 20 мај, оваа година се пријавија 5 проекти.

Tрочлено стручно жири во состав Валентино Димитровски (историчар на уметноста, ликовен критичар и куратор), Артан Садику (професор по филозофија) и Јованка Попова (историчар на уметност), по разгледувањето на доставените предлози одлучило дека проектот на Жерновски заслужува да биде издвоен и награден со годишната награда за уметничка критика.

„Актуелните состојби во општеството, политиката и во културата, на глобален и на локален план, недвосмислено го упатуваат дискурсот за состојбите во уметноста денес и нејзиниот претпоставен карактер во правец на фингирање на една ангажирано-критичка димензија не само на нејзините релевантни практики, туку, еднакво, и на уметничката критика како комплементарно дејствување во културната размена и живеење. Тргнувајќи од уверувањето дека денешната уметност и критика се во нераскинлива симбиоза и упатени на взаемно проткајување и надополнување, а она што на тој план обете ги апсорбира и насочува е доминантно критичката компонента и понирањето во актуелните социокултурни и политички состојби, сметаме дека денес релевантни практики во обете области може да бидат само оние што се критички димензионирани и упатени на актуелните случувања и состојби кај нас и во светот.

Токму проектот на Велимир Жерновски, „Шарена револуција“? (контекстуални предизвици на граѓанскиот отпор и уметниковиот активизам)“,  наполно ги задоволува овие два критериума. Имено, од една страна, овој проект недвосмислено се фокусира на актуелните збиднувања околу граѓанскиот активизам и поливалентното спонтано дејствување во рамките на Шарената револуција, за разобличување на первертираните парадигми на власта во сите сфери на општественото живеење“, се вели во одлуката на жирито.

Велимир Жерновски е уметник кој работи цртежи, видеа и фотографии, преку кои ги истражува промените во урбаната култура и прашањата поврзани со сексуалноста и родовиот идентитет, како и прашањата поврзани со постојаната транзиција, како на личниот, така и на идентитетот на сопствената генерација. Има остварено неколку самостојни изложби во Македонија и Европа и учествувал во повеќе меѓународни проекти и културни соработки. Од 2008 година е коосновач и претседател на Ф.Р.И.К (Формација за развој на иницијативи во културата), програма што работи на мотивирање на социјално ангажирана културна продукција ослободена од секаков вид стереотипи и предрасуди.