Велешката „Рацин“, минијатурата „Вампири“ и дипломска на ФДУ денес на МТФ „Војдан Чернодрински“

Вчера, на петтиот фестивалски ден на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп беа одиграни „Парови“ на Драмски театар, „Бура“ на прилепскиот театар и монодрамата „Ла Макбет“ од актерот и режисер Хакан Даци. Тркалезната маса, пак, вчера беше одвоена за претставата „Ричард Трети“ од Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши од Албански театар.

„Претставата беше долга, комплексна, всушност, како што е и текстот на Шекспир. Се разбира, не беше едноставно да се следи истовремено и преводот. Режисерот Бектеши овој класичен текст го направил со многу современи изрази и некако филмски. Прашање е колку се инспирирал од филмот од 1955 година. Пренесувањето на ‘Ричард Трети’ во денешно време во популистички, фашистички контекст, слично на филмот, беше голем предизвик и одлично дело поставено на театарската сцена“, истакна модераторот Звонко Димоски.

Главниот актер, Адем Карага, кој, како што велат од фестивалот, буквално го презеде најголемиот товар и физички и психички, на улогата на сцена беше фасцинантен. Карага, во име на режисерот и во сопствено име како актер ги пренесе согледувањата за сценскиот израз.

„Работата на претставата беше напорна полни три месеци. Мене ми требаше време да се ‘одлепам’ од таа класика за да дојдам до денешново време. Шекспир е Шекспир. Режисерот имаше јасна визија. Неговата визија е да го донесе Шекспир во денешно време. Идејата беше да ја претставиме денешницата и каде таа нѐ води“, рече актерот Адем Карага кој го толкува ликот на Ричард Трети.

Денес на програмата на фестивалот се, исто така, три претстави. Од официјалната селекција во 19 часот на големата сцена на „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Улогите ги толкуваат: Исидор Јованоски, Васил Зафирчев, Талија Настова, Славица Манаскова, Весна Димитровска, Јордан Витанов, Кети Борисовска, Кристина Зафирова, Благојчо Стојанов, Илин Јовановски и др.

Од независната сцена денес присутните ќе ја видат претставата „Вампири“ на режисерот Милош Б. Андоновски, што ќе биде изведена во киното „Мис Стон“ во 21:30 часот. Во оваа претстава учествуваат Ангела Стојановска, Филарета Атанасова и Марина Поп Панкова.

На полноќ, на сцената на „Марко Цепенков“ ќе биде изведена „Тука ќе ни биде крајот“, дипломска претстава на студентите на Драмскиот факултет во Скопје од класата на професорите Сузана Киранџиска и Кристина Леловац.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Овации за „Црно семе“ на театарскиот фестивал во Прилеп, продолжува богатата програма