Велес е „Град на културата“ за 2015 година

Општината Велес вторпат ја добива титулата „Град на културата“, која Министерството за култура ја доделува 12 години. На конкурсот за 2015 година стигнале пријави и од Неготино и Струмица, а Велес бил едногласно избран од комисијата.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција рече дека од Општина Велес примиле комплексна програма со над 200 настани и 67 манифестации од различни дејности, сите со точно одредени термини на одржување. Рече дека за разлика од 2005 година – првиот пат кога беше Град на културата, Велес сега има инфраструктура и капацитет во кои ќе ги организира планираните содржини.

Голем дел од настаните ќе се одржуваат во новаата зграда на Велешкиот театар, како и во обновените куќи на уметноста – куќите на Џинот, Главинов и на Касапови. Локации за настаните ќе бидат и отворениот амфитеатар, библиотеката и салата „Бели мугри“.

„Велес вторпат го добива приматот и го заслужува овој престижен статус. Сите инвестициски зафати што ги реализираше и Владата и Општината, ќе дадат огромна можност за реализација на голем број активности од програмата со која Велес конкурираше. Таа е целосно осмислена и конципирана, со крупни настани и точни термини“, вели Канческа-Милевска.

Таа додаде дека Министерството ќе ја поддржува општината во реализација на настаните, а дека покрај нив ќе инвестира и во други проекти во Велес. До крајот на годинава, посочи Канческа-Милевска, ќе биде санирана Спомен-костурницата на борците од НОБ, ќе бидат обновени фасадите од староградска архитектура на пет станбени објекти во градот (лоцирани на улицата „Јован Алабаков“) и ќе има поддршка за репертоарот на Велешкиот театар и за традиционалните манифестации во градот.