Вечерва завршува 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Со доделување на наградите и со концертот на Добрила и Дориан дуо во чест на наградените, вечер во Прилеп завршува 58. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“.

Жирито во состав, д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора, точно напладне на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе ја соопшти одлуката за најдобрите остварувања и за најдобрата театарска претстава во целина на годинешниот Фестивал.

Годинава прв пат и публиката гласа и ќе биде соопштено која претстава, според неа, е најдобра.

Во конкуренцијата за награди се претставите: „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, а во изведба на Драмски театар, „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска на Прилепскиот театар, „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, во продукција на Албански театар од Скопје,  „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, на Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип, „Црна Дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во продукција на ЦК „Антон Панов“ од Струмица, „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, на Ц.К. „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Македонскиот народен театар, „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, на Турски театар од Скопје, „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани на Народниот театар од Битола, „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија и претставата „Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на Театар за деца и младинци од Скопје.

Годинешното издание на фестивалот под мотото „Промени се, промени сѐ“ се одржа од 7 до 14 јуни. Публиката имаше можност да ужива во изведбите на 11 претстави во официјалната и уште 5  претстави во придружната програма. Покрај театарските претстави, имаше и промоции на театарска и театролошка литература, разговори за одиграните претстави, работилници и  театар за деца. Автор во фокусот беше Горан Стефановски кому му беше посветен и еден фестивалски ден.

Симона Паскоска