Вечерва во МКЦ се отвора петтото издание на саемот на уметност „Ин Ситу“

Меѓународниот саем на уметност „Ин Ситу“ ќе се одржи по петти пат од 13 до 15 септември во Младинскиот културен центар – Скопје.

На отворањето, закажано за вечерва во 21:00 часот, на платото на МКЦ публиката ќе има можност да проследи содржини од трите програмски категории на саемот: визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Овогодишната ликовна поставка на саемот е курирана од Ана Франговска, поставката за дизајн ја курира Драган Христов додека куратори на програмата за архитектура се Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

Годинава саемот ќе претстави повеќе од 60 автори учесници со потекло од 10 земји учесници, како и две предавања од областа на архитектурата на Фала ателје од Порто, Португалија и ФАКТ од Берлин, Германија.
Жири комисијата во која оваа година членуваат Небојша Вилиќ, Ана Ивановска Дескова и Мартин Штефенс (Берлин) ќе награди двајца учесници од ликовната поставка со учество на фестивалот за уметност „ 48 Stunden Neukölln“ .

По официјалното отворање е најавен диџеј сет на Зоки Бејбе и белградскиот диџеј 33.10.3402 – Ненад Марковиќ. Влезот е бесплатен, a саемот е од продажен карактер.