Вечерва со изложба се отвора осмиот „Скопје постер фестивал“

Со рекордни досега, вкупно пристигнати 2.674 трудови од 1.869 студенти од 52 земји, вечерва ќе биде отворен осмиот „Скопје постер фестивал“ – Плакарт. На отворањето ќе бидат изложени најдобрите од сите пристигнати дела.

„Целта ни е да ги дефинираме глобалните трендови и насоки по кои се движи графичкиот дизајн на постерот како алатка за промовирање на идеја, концепт или мисла. Бидејќи овој фестивал ги промовира студентските достигнувања, тој исто има за цел да ја промовира креативноста на идните генерации носители на уметничкиот пристап во оваа гранка, да се препознаат нивните капацитети“, изјави Лазе Трипков, еден од организаторите и претседател на НВО Плакарт.

Тој објасни дена организацискиот одбор, уште од почетокот на постоењето на овој натпревар, се труди меѓународно да ги промовира визуелните комуникации со особен акцент на глобалните проблеми, а истовремено пропагирајќи опшествена одговорност и подигнување на свеста кај јавноста. Годинава, темата на „Скопје постер фестивалот“, кој ќе трае до 5 декември, и мотото под кое студентите ги испраќаа своите трудови е „Сите за луѓето со хендикеп“.

„Местото на графичкиот дизајн во Македонија е многу ниско во хиерархијата на креативните индустрии, и ние преку оваа манифестација се обидуваме да ги подигнеме стандардите во оваа уметничка гранка“, рече Ласко Џуровски, познат македонски графички дизајнер и типограф кој на денешната прес-конференција зборуваше за моменталните состојби во графиката во земјава.

Во рамките на фестивалот ќе бидат одржани и работилници со мајсторите на дизајнот, Петер Банков, Петер Поч, Паула Трокслер, Гец Грамлиш и Ласко Џуровски.

„Работилниците се алатка која им овозможува на студентите од овој проект да излезат поподготвени за работа, бидејќи стекнуваат самодоверба и искуство со кое можат полесно да најдат потоа работа или да се надградуваат себе си. Фестивалот и конкурсот креираат можности кои младите дизајнери ги користат како отскочна даска за понатамошните предизвици во нивните кариери. Ние паметиме млади студенти кои, по добивањето награди, почнуваат со работа во маркетинг или дизајн браншата и се успешни“, рече Трипков.

Запрашан што би им порачал на младите наследници, Петер Банков , рускиот графички дизајнер со светско реноме кој е и најголемата ѕвезда на годинашново издание на фестивалот одговори: „Цртајте, цртајте колку што можете повеќе, по 8 часа дневно минимум. Сакајте ја својата работа секој ден и не плашете се да се изразите себе си онака како што мислите. Само така ќе ја препознаваат вашата работа – по оригиналноста“.

„Скопје постер фестивалот“ е поддржан од Министерството за култура на РМ и Град Скопје, а соработува и со многу други меѓународни проекти како Варшавското биенале на плакат, Чешката асоцијација на дизајнери и со многу други факултети и академии за визуелни комуникации ширум светот.