Вечерва продолжува вториот дел од програмата на 17. АКТО фестивал за современи уметности

Со денешната јавна дискусија и интерактивно предавање на тема „Читање згради: Изведувачки практики во урбан контекст“ денес (7 декември) продолжува програмата на 17-тото издание на АКТО фестивал за современи уметности. Настанот ќе започне во 19:00 часот и ќе се одржува во КСП Центар Јадро.

Во првата дискусија „Ask & Tell“, Матијас Антон и Јулиа Мунц од театарскиот колектив „Geheimagentur“ од Хамбург ќе ги споделат своите приказни за различни проекти на „Geheimagentur“ и пријателите. Модератори на дискусијата ќе бидат Кристина Леловац и Филип Јовановски.

„Ќе видите снимки од уметнички проекти во јавen простор, училишта и театри во Хамбург, Кина и на други места“, најавуваат од Факултетот за работи што не се учат, организатор на фестивалот.

Второто интерактивно предавање ќе биде на тема „Што е театар во овие интердисциплинарни пракси?“ – рефлексија на изведувачката интервенција во јавен простор „Градот како сцена – изгубени модернистички утопии“ што премиерно беше изведена на 47. издание на фестивалот Млад отворен театар.

Проектот „Градот како сцена – изгубени модернистички утопии“ е перфромативна инсталација во јавен простор чии автори се Филип Јовановски и Миодраг Куч. Проектот опфаќа дванаесет приказни со наслов „Домче“ (можеби) најмалиот бруталистички објект на светот.

„Овие приказни, зградата ја трансформираат во ‘текст’ кој треба да се допишува, надополнува, додава и одзема, како една жива книга која секоја генерација мора да ја чита одново“, стои во најавата.

Фестивалот АКТО се организира во соработка со Центар за уметност и урбанизам Берлин, Фрлачи на Сенки (Загреб) Архитектонскиот факултет и  Факултетот за Драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Почнува 17. издание на АКТО фестивал за современи уметности