Вечерва почнува седмото издание на фестивалот на џез музиката во Прилеп

Прилеп по седми пат ќе биде домаќин на Меѓународниот џез фестивал, кој од вечерва до сабота, 1 септември, ќе се одржи на летната сцена во центарот за култура „Марко Цепенков“.

Годинава фестивалот нуди интересна програма, која е комбинација на медитеранскиот, врвен балкански џез и македонски џез.

Оваа година на фестивалот ќе се претстават европски и македонски џез музичари, како и домашни уметници, но и од Германија, Франција, Италија, Србија, Грција, Кина.

Целта на овој фестивал е промоција и популаризација на џезот и на уметноста на импровизирана музика во Македонија. Во изминатите 6 години низ фестивалот поминаа доста музички имиња од повеќе земји од Европа и Македонија.

На отворањето на прилепскиот џез фестивал, во четврток 30 август, на камерната сцена од ЦК „Марко Цепенков“ ќе настапи „Кеко Форнарели Трио“ од Италија, а првата фестивалска вечер ќе продолжи на летната сцена од центарот за култура, со настапот на скопската група „Фиарс“ и на извонредниот македонски џез музичар, Владимир Четкар.

Во петок 31 август, публиката ќе може да ужива во настапите на Јордан Костов и „Шангај Интенс“, на „Палете Ансамблот“, односно „Сократис Воцкос Квартет“, а вечерта ќе ја затвори бендот на Васил Хаџиманов.

Последниот фестивалски ден е резервиран за Јаков Дренковски, французите „Ле Бал Пури“ и српската група „Деца Лоших Музичара“.