Вечерва почнува 29. издание на Саемот на книгата – над 80.000 книги и повеќе од 80 издавачи

Над 80.000 книги на повеќе од 80 издавачи ќе бидат на продажба на 29-от Меѓународен саем на книгата кој на простор од 4.000 метри квадратни во првата саемска хала вечерва, 3 април, ќе биде свечено отворен.

Саемот на книга ќе биде отворен за посетители до 10 април во временски период од 10 до 20 часот.

Скопски саем го организира саемот на книга во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите на Македонија (ЗИКМ) и Здружението на албанските издавачи од Македонија.

Покрај најголемите домашни издавачи, присутни на саемот на книгата ќе бидат и издавачи од Србија, Црна Гора и од Албанија, а Шведска ќе биде претставена преку својата Амбасада со штанд за промоција на литературата за деца.

Издавачите најавуваат пристапни цени и попусти до 70 проценти. Покрај штандовското претставување на издавачите, ќе има и богата програма на промоции на нови дела и автори. Најавени се шеесетина промоции во седумте саемски дена, а ќе има и трибини и дебати, рече Кондарко.

Меѓу промотивните настани ќе биде и претставувањето проекти од областа на европските интеграции во соработка со Министерството за култура, на 6 април, и презентација на поетската платформа Версополис во соработка со Струшките вечери на поезијата.

Новина годинава е што изложбено-продажниот дел на саемот е проширен и во втората хала ќе биде претставена литературата за деца и млади и ќе има детско едукативно катче (игротека).

Влезниците се по цена од 30 денари, односно 20 денари за организирани и групни посети.