Вечерва почнува 16. издание на Фестивалот за краток филм „Астерфест“

Вечерва започнува шеснаесеттото издание на Фестивалот за краток филм „Астерфест“ кое ќе се одржува до 15 август, во Амфитеатарот во Струмица, под мотото „Нови мотивации“.

На отворањето, со почеток во 20 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Господата од Современа“ на Ана Алексовска, „Конструкт 42“ на Никола Ангелкоски и „И(с)згубени“ на Антонио Вељаноски, а веднаш потоа и 7 документарни филмови од категоријата „Астердокс“.

Програмата продолжува во сабота од 20:30 часот, со проекција на филмовите од категоријата „Глобална фикција“, и во недела од 20:30 часот, со проекција на филмовите од категоријата „Анимоушн“.

Овогодишен лауреат на наградата „Астер“ за животно дело е Јан Качер, еден од најеминентните чешки и европски актери и режисери.

Во официјална интернационална конкуренција се 24 кусометражни играни, документарни и анимирани филмови.

Жирито е составено од режисерите Ено Милкани, Панајотис Краварис и актерката Јулија Милкова.

Фестивалот е поддржан од Општина Струмица.