Вечерва официјално ќе се отвори 27-то издание на Саемот на книгата во Скопје

Најзначајната манифестација од областа на книжевната и издавачката дејност, Саемот на книгата, официјално ќе биде отворен вечерва во Скопски саем, со почеток од 19 часот.

Од утре (11 мај), на Саемот ќе бидат изложени современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. Оваа година, ќе се претстават повеќе од 70 издавачи од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Шведска и Италија.

Во рамки на саемот, ќе има и промотивно катче каде ќе бидат промовирани новите наслови годинава. Ново е што ќе има тематски денови кои секој ден ќе бидат различни. Тематската програма вклучува „Ден на македонска поезија“, „Промоција на млади автори“, „Ден на егзистенцијализмот“, „Големите светски талкачи“, „Ден на екранизирана уметност“, „Сонуваме ѕвезди“ – средба на девата со поетите.

Традиционално и годинава Здружението на издавачи и книжари ќе ги додели наградите на учесниците на Саемот на книгата поделени во пет категории: најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саема, најдобро ликовно графичко обликување и дизајн на книга или едиција, најдобро илустрирана книга или сликовница, награда „Јаков од Камена река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција, како и најдобар книжар меѓу двата саема.

Работното време на Саемот на книгата ќе биде од 10 до 20 часот, влезниците се 30 денари, а за организирани посети 20 денари.

Во другите хали на Скопски саем пак, од 7 до 9 мај ќе се одржат саемските манифестации-Скопје травел маркет, Денови на образование и кариера и Виз Ер Скопје Маратон експо.