Вечерва на „Синедејс“: документарец за Морисеј, премиера на „Малина“ и „Не допирај ме“

Во рамките на фестивалот за европски филм „Синедејс“ вечерва од 19 часот во кино Фросина ќе се прикажува документарниот филм „Англија ми припаѓа мене“ во режија на Марк Гил. Филмот прикажува портрет на Морисеј и неговиот ран живот во 70-те години во Манчестер, пред да стане пејач на познатиот алтернативен рок бенд Смитс.

Стивен Патрик Морисеј сака да пишува и да пее. Но, како млад човек, неговиот глас не излегува подалеку од писмата од читатели на музичкото списание „НМЕ“ и ѕидовите на неговата канцеларија. Кога панк сцената доживува експлозија, Стивен открива дека во животот постои нешто повеќе од мрачни сатански стихови. Со помош на силни жени, младиот Морисеј учи да стане свој во свет што се обидува да го направи како сите останати.

Во гала програмата во кино Милениум од 20 часот ќе биде прикажан „Крадци“ во режија на Хироказу Корида. Филмот зборува за редовните кражби на Осаму и неговиот син, а во една од нив тие наоѓаат мало девојче на студот. На почетокот неволна да го вдоми девојчето, жената на Осаму се согласува да се грижи за неа откако дознава со какви проблеми е соочена. И покрај тоа што семејството е сиромашно и едвај заработува доволно за живот преку ситен криминал, се чини дека живеат среќно, додека еден неочекуван инцидент не открие скриени тајни, тестирајќи ја врската што ги обединува.

Од 22:30 часот пак, исто во кино Милениум, ќе биде прикажан „Сите знаат“ во режија Асгар Фархади. Лаура и нејзините деца патуваат од Буенос Аирес до нејзиното родно село, на едно лозје во Шпанија, за да присуствуваат на венчавката на нејзината сестра, но низа неочекувани настани го водат овој собир кон криза, која го разоткрива скриеното минато на семејството.

Во рамките на кратките филмови во кино Фросина ќе се прикаже „Малина“ во режија Анастасија Лазарова со почеток во 21 часот. Андреа е сама дома. Дона ја убедува да одат на забавата на која ќе биде Виктор, нејзината симпатија. Во клубот го гледаат Виктор со друга девојка и со брат ѝ на Андреа. Кога Дона ќе побара Андреа да дознае од брат ѝ која е девојката, нивното пријателство доживува пресврт.

По завршувањето на овој филм, во официјалната селекција ќе се емитува „Не допирај ме“ на Адина Пинтиле. Една режисерка, заедно со нејзините ликови, влегува во личен истражувачки проект за интимноста. На граница помеѓу реалност и фикција, „Не допирај ме“ ги следи емотивните патувања на Лаура, Томас и Кристијан, нудејќи длабоко емпатичен поглед во нивните животи.

Во Џебното кино ќе се емитуваат „Гулабот“ во режија Бану Сивачи од 20 часот и „Љубовта на една русокоса“ на Милош Форман.

Со почеток во 23 часот, настап ќе имаат Холанѓаните „Mаuskovic Dance Band“ кои за првпат гостуваат во Скопје. влезот на концертот е бесплатен.