Вечерва на МОТ: Три претстави и промоција на книга

Програмата на МОТ за денес се распределува на три сцени – во Железничката зграда, на малата сцена на НОБ и во МКЦ.

Со почеток од 18 часот во Железничката зграда ќе се игра хрватската „Сѐ е во парите“ на Борис Бакал. Претставата е т.н. work in progress и се занимава со односите меѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од друга страна, сè од перспектива на лични наративи, реални финансиски примања, перманентни финансиски кризи на ова време, како и амбивалентна улога на парите во целокупната општествена размена. Концептот на проектот е базиран на банкарско-финансиската ‘револуција’ на светскиот пазар. Поле на истражување на претставата се земји како Хрватска, Италија, Словенија и други. Во текот на истражувачкиот процес континуирано се собираат сведоштва за лични искуства со пари, за пари од инвестиции, стекнување, збогатување, осиромашување, лоша финансиска среќа, до одрекување од финансиски добра.

Втората претстава за вечерта која ќе започне во 20 часот на малата сцена на НОБ е „Момчињата на Медеја“ во продукција на Аполо 1111 од Романија. Претставата го илустрира режисерското прекршување на легендата на Аргонаутите и Златното руно. Се отвора дискусија за машката ранливост, мачоизмот, патријархатот и мизогонизмот, користејќи средства на иронија и хумор. Сцената (прикажана како морнарски бар) е населена само со машки ликови. Овде некои Аргонаути се среќаваат за да го прослават своето големо животно искуство – митското патување на бродот Арго.

Третата претстава – „Арапска ноќ“ во режија на Зоја Бузалковска започнува во 22:30 во МКЦ. Сценографијата е на Јулијана Војкова-Најман, драматургија на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, а музиката ќе ја изведува бендот Фолтин во склоп на самата претстава. Драмскиот текст на Роланд Шимелфениг, „Арапска ноќ“, е напишан во 2001 година. Поставен е речиси во сите поголеми и поважни театри, одигран е на многу јазици. Овој текст-партитура за пет ликови е игра на жанрови и стилови. Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“. Елементите на трилер ја градат неизвесноста, а приказната, која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина.

Во склоп на придружната програма во МКЦ со почеток од 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Анамнезис“ од Сандра Ускоковиќ. Во книгата се обработуваат културни пракси и уметнички дела на уметници и уметнички колективи, кои воспоставуваат нови модели на активно учество во создавањето и менувањето, како на урбаната култура, така и на самиот урбан, т.е. јавен простор.

Во книгата се обработени авторите од хрватската уметничка сцена активна изминатите 40-тина години и тоа: Том Готовац, Сања Ивековиќ, Кугла Глумишта, Едит Шуберт, Зоран Павелиќ, Сандра Стерле, Славен Тољ, Игор Грубиќ, Златко Копљара, Петар Гримани, Боже Јурјевиќ, Синиша Лабровиќ, Ивана Јелавиќ, Тое Савиќ Гецан, Никол Хјуит, Наташа Лушетиќ, Станка Јузбашица, Александра Ацева, Еле Аготиќ, Александра Баришиќ, Борис Бакал и Бацачи сјенке.