„Вечер со Клод Болинг“ на 13 октомври во Кисела Вода

Дирекцијата за култура и уметност – Скопје на 13 октомври организира „Вечер со Клод Болинг“, концерт што е дел од проектот „Од центарот кон периферијата: Културата како алатка за социјален развој“. Настанот ќе се одржи во парк „Македонија“ (Дом на култура во Кисела Вода – Кино“).

Како инструменталисти на концерот се најавени Стојанче Косовски – труба, Емилија Кабранова Филипова – пијано, Зоран Павлоски – контрабас и Филип Шурбевски – тапани.

Стојанче Косовски е член и основач на камерните состави Македонски брас квартет и Балкан брас квинтет.

Емилија Кабранова Филипова од 2015 година настапува со триото „Ад либитум” со флејта и кларинет на повеќе манифестации и фестивали, а член е и на квинтетот Pezzanov Piazzolla Project.

Филип Шурбевски го создава Езгија трио специјализиран состав за чалгиска музика каде се редат бројни настапи во Македонија, Европа и САД. Од основање е прв тимпанист во оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. – Скопје.

Зоран Павлоски е прв контрабас во еминентниот камерен оркестар ,,Скопски солисти“. Покрај тоа, свири и на уникатен петжичен пиколо контрабас (chello-bass). Исто така, тој е и единствениот претставник од земјава во светски реномираното International Double bass society.

Влезот на настанот е слободен. Концерот ќе се одржи согласно протоколите за организација на настани во време на Ковид-19.

Проектот „Од центарот кон периферијата: Културата како алатка за социјален развој“ е поддржан од Град Скопје.