Вечер на изведувачка поезија и музичко-сценски перформанс во Комитет

Вечерва во „Комитет” (ул. Даме Груев, Катна гаража „Беко”, локал 21, Скопје), со почеток во 21 часот, ќе се одржи настанот „Вечер на изведувачка поезија и музичко-сценски перформанс на Јухо Кууси (Финска)”, во организација на Установата од областа на културата „Културно-социјален простор Центар Јадро“.

Настанот е еден од финалните продукти на едномесечниот резиденцијален престој на слем-поетот и социјалниот едукатор од Финска, Јухо Кууси.

Во рамките на резиденцијалниот престој, финскиот поет и гости во Скопје одржаа серија на работилници за слем-поезија и изведувачка поезија со македонски поетеси и поети. Учествуваа Елена Пренџова, Сандра Авросиевска, Дамијан Каранфилов Гулев, Даница Ивановска Лепојевиќ, Цветанка Колева, Тања Кузманоска, Игор Поп-Трајков и Светлана Купенкова. Тие ќе настапат на вечерта на изведувачка поезија со нивните нови дела создадени во рамки на работилниците.

По настапот на македонските поетеси и поети, гостинот од Финска, Јухо Кууси, ќе има музичко-поетски перформанс, на кој ќе настапи со комбинација на неговата авторска поезија и музика.

Јухо Кууси е двократен победник на Финска во слем-поезија, со над 10-годишно интернационално и изведувачко искуство во Финска. Неговите песни се објавувани во книжевни списанија и антологии, а својата дебитанска книга поезија ќе ја издаде во 2020 година. Кууси предава уметност на изведување поезија на млади и возрасни во образовни институции од различни степени во Финска.