Вечер на аматерски филм во недела во АКСЦ

Проекција на кратки аматерски филмови ќе се одржи во недела во Автономниот културно-социјален центар (АКСЦ) во Скопје, со почеток во 20 часот.

Филмовите се работени во период од 2003-2012 година и тие се ентузијастички проект на група индивидуалци. Изработени се волонтерски и со скромен буџет.

На програмата ќе бидат прикажани филмовите „60 секунди човечност“, „Сам“, „Над Скопје“ и „Преплашени“, кои се во доменот на фикцијата и хорор жанровите. Првите три филма се авторско дело на Кирил Максимоски, а последниот филм е дело на Марјан Михајловски. Краткиот филм „Terrified“(„Преплашени“) премиерно во Македонија беше прикажан во 2013 година, а истата година влезе во регионалната селекција (од четири филма) за наградата „Пирамида“ на тема „најдена снимка3 на осмиот Фестивал на српската фантастика кој се одржа од 16 до 19 октомври 2013 год. во Белград. По проекцијата ќе може да се поразговара со глумците и авторите на филмовите.