Вебометрикс: Најдобрите универзитети во земјите од регионот

Универзитетите во Бања Лука и Источно Сараево, според последното истражување на „Вебометрикс“, се на дното на листата на високообразовни установи во регионот, кои се пред нив по дури неколку илјади места, анализира „Glassrpske.com.

Јавниот истражувачки центар „Вебометрикс“ од Шпанија, кој работи при Универзитетот за научни истражувања, ја создава листата на најдобри универзитети во светот секоја година. Главни критериуми се географската големина на универзитетите, присутноста во академскиот свет, објавени научни трудови и број на академски работници внатре во универзитетот, популарноста и посетеноста на сајтот, т.е. влијанието на интернет страната на факултетот.

Универзитетот во Бања Лука паднал за 164 позиции во однос на претходната година, додека Универзитетот на Источно Сараево напреднал за 1.510 позиции, но сé уште е речиси двојно послабо рангиран од бањалучкиот. Бањалучкиот Универзитет во конкуренција на 12.000 рангирани светски универзитети го завзема 5.141-вото место, а Универзитетот на Источно Сараево се наоѓа на 9.438-мата позиција. Кога станува збор за високообразовните установи во Босна и Херцеговина, најдобро пласиран е Универзитетот во Сараево, кој тој статус го држел и минатата година.

Проректорот за истражување, наука и развој на Универзитетот на Источно Сараево, Стеван Трбојевиќ, вели дека за „Вебометрикс“ еден од најважните критериуми е посетеноста на сајтот на универзитетот, што е сепак една од новостите на овој универзитет.

„Дури во последните неколку години нашиот универзитет има свој сајт, за разлика од Универзитетот во Сараево кој постои подолго време и има повеќе податоци, па и подобар рејтинг. Сепак, секоја година одиме 1.000 места понапред, што е огромно движење напред“ – вели Трбојевиќ, и истакнува дека голем проблем претставува тоа што речиси нема средства кои се одвојуваат за да се унапреди сајтот на универзитетот.

Од Унијата на студенти на Србија истакнуваат дека факултетите мораат да бидат поажурни и поактивни ако сакаат подобри позиции.

„На некои сајтови податоците се стари и по 5-6 години. Предлагаме да се укинат сајтовите на факултетите и да биде креиран еден модернизиран сајт на Универзитетот, за посетеноста да биде поголема“ – истакнува потпретседателот на Унијата на студенти, Предраг Говедарица.

Цел на овој вид на рангирање е, како што истакнуваат од Центарот за истражувања, зголемување на присуството на академските и истражувачките установи на интернет, како и промовирање на слободниот пристап на резултати на научните истражувања.

Најдобро рангирани универзитети од регионот:

Универзитетот во Љубљана – 168 место

Универзитетот во Загреб – 437 место

Универзитетот во Белград – 478 место

Универзитетот во Нови Сад – 1.031 место

Универзитетот во Ниш – 1.236 место

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – 1.347 место

Универзитетот во Ријека – 1.728 место

Универзитетот во Сараево – 1.983 место

„Јосип Јурај“ Универзитетот во Осијек – 2.123 место

Универзитетот во Зеница – 3.270 место

Универзитетот на Црна Гора – 3.235 место

Интернационалниот Бурч Универзитет во Сараево – 3.962 место

Универзитетот Епока во Албанија – 4.202 место

Универзитетот во Бања Лука – 5.141 место

Универзитетот во Сараево – 9.438 место