Вебометрикс го стави УКИМ на 1.526 место на листата за најдобри универзитети во светот

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) се најде на 1.526 место на ранг-листата за најдобри универзитети што ја објавува истражувачкиот шпански центар Вебометрикс.

УКИМ е најдобро рангираниот македонски универзитет, а позицијата ја дели со Универзитетот Гачон во Јужна Кореја. Со новото рангирање најголемиот државен универзитет во Македонија бележи пад од 7 места споредено со 2017 година кога бил рангиран на 1.519 место. Сепак, доколку се спореди со минатата година кога УКИМ беше рангиран на 1.594 место во светот, годинешната позиција е унапредување за 68 места.

По УКИМ втор на листата за македонски универзитети е Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кој на светскиот ранг се наоѓа на 3.632 место. Најлошо рангиран македонски универзитет е Американскиот универзитет на Европа ФОН кој во светот е на 26.051 место.

Најдобро рангиран светски универзитет е Харвард, додека на второ место доаѓа Стенфорд. Целата листа е достапна на овој линк.