Веб-порталите затемнети против цензурата на интернет!

Веб порталите затемнуваат на полноќ против цензурата на интернет!Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници утре, на Трети мај, Меѓународниот ден на слободата на печатот, ги повика на затемнување веб-страниците во знак на протест, поради опасните тенденции со новиот закон за медиуми во земјава да се внесе информативен мрак на интернет.

„Со аргументи дека ќе се воведе ред во онлајн медиумската сфера, новиот закон носи сериозна опасност за политичка контрола, селекција, лиценцирање и цензура на онлајн медиумите. Советот за човекови права при Обединетите нации правото на слободен пристап до интернет го смета за човеково право, а ние се соочуваме со озаконување на цензурата, и покрај фактот што членот 16 од Уставот на РМ јасно гласи „Цензурата е забранета со закон“. Од друга страна, интернетот е неограничен ресурс, за кој не важат државните граници и апсурдно е нашата држава да се обиде да регулира нешто што е глобална цивилизациска придобивка“, соопштуваат од ССНМ.

На најавата за затемнување на веб страниците, експресно реагираа од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, но и од министерството за информатичко општество. Партијата наместо реакција упати обвинувања кон Синдикатот дека е продолжена рака на СДСМ, додека од министерството убедуваат дека предложениот закон е во согласност со европските директиви.

Од Синдикатот сметаат дека детектираните проблеми во онлајн медиумската сфера е можно да се решат со спроведување на веќе постоечките закони (Закон за авторско право, Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда и т.н.) и со интервенции во нив, или со саморегулација во рамките на медиумската заедница.

Радио МОФ се приклучува на акцијата и од вечерва (на полноќ), во следните 24 часа, нема да генерира содржини во знак на протест против цензурата на интернет.